СРПСКИТЕ ВОЕНИ ГРОБИШТА - СПОМЕНИЦИ НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА

NASTANI - 2012 - 7Во Битолскиот регион на повеќе места изградени се гробишта за српските загинати војници од Првата светска војна и подигнати се меморијали кои денес служат не само како историски споменици, туку и како мостови за поблиски пријателски врски меѓу Македонија и Србија.

На боиштата во Битолскиот регион во периодот на Првата светска војна загинале 3.200 српски војници и офицери. Посмртните останки на голем број од загинатите собрани се во Српските воени гробишта во Битола. Тие се наоѓаат во јужниот дел од градот како продолжение на Буковските - православни гробишта. На нив подигнати се одделни надгробни споменици од метал со иста форма и големина, како и заеднички споменик за загинатите војници од 1912-1918 година со Спомен - костурница.

Денес гробишта на српската војска кои постојат во Битолско се места кои потсетуваат на минатото, испраќаат пораки војните да не се повторат и служат за зацврстување на соработката меѓу македонскиот и српскиот народ. Во организација на Српскиот конзулат во Битола, и конзулот Силјан Мицевски, на овие локации редовно се одржуваат чествувања на позначани датуми од Првата светска војна.